Кратка содржина
Read the full fact sheet- Разладувајте се: користете клима уред и/или вентилатор. Носете лесна и лабава облека. Држете ја кожата влажна, користејќи шише со распрскувач (spray bottle) или влажен сунѓер. Туширајте се со студена вода или држете ги нозете во студена вода.
- Останете хидрирани: во текот на горештини, пијте вода, дури и пред да почувствувате жед, особено ако сте на отворен простор или вршите физичка активност.
- Планирајте однапред: снабдете се со основна храна и лекови пред да пристигнат жештините. Откажете ги или презакажете ги активностите за најладниот дел од денот. Избегнувајте вежбање и престој на отворено за време на горештини.
- Бидете во контакт со семејството, пријателите и соседите. Кажете им дека сте добро или ако ви е потребна помош. Контактирајте ги оние на кои можеби им е потребна вашата поддршка за време на горештини.
- Следете ја временската прогноза и предупредувањата за топлотни бранови од Бирото за метеорологија преку интернет или преку апликацијата на Бирото. Пријавете се за да добивате здравствени предупредувања за топлина од Министерството за здравство.
On this page
Здравствени проблеми поврзани со жешкото време
За време на горештини, лесно е да дехидрирате или вашето тело да се прегрее.
Жештината може да предизвика сериозни и потенцијално смртоносни здравствени проблеми, како што е топлотна исцрпеност и топлотен удар, да предизвика ненадејни настани како срцев удар или мозочен удар или да ги влоши постоечките здравствени состојби, како што се заболувања на бубрезите или белите дробови.
Горештините може да влијаат на секого. Оние кои се изложени на поголем ризик се лица над 65 години, бебиња и мали деца, бремени жени, лица со акутни или хронични здравствени проблеми, лица кои се социјално изолирани и лица со ограничени начини да се разладат.
Безбедност за време на горештини
Спречете ги здравствените проблеми поврзани со топлината со тоа што ќе се разладувате и ќе останете хидрирани. Планирајте однапред и одржувајте контакт со другите.
Разладувајте се:
- Користете клима уред и/или вентилатор.
- Носете лесна и лабава облека.
- Држете ја кожата влажна со шише со распрскувач (spray bottle) или влажен сунѓер.
- Туширајте се со ладна вода или држете ги нозете во ладна вода од чешма.
- Користете облоги со мраз или завиткајте коцки мраз во влажна крпа и ставете ја околу вратот.
- Затворете ги ролетните или завесите за да спречите влегување на топлината во вашиот дом.
- Користете ги шпоретите и рерните што е можно помалку бидејќи тие можат да го загреат вашиот дом.
- Доколку треба да излезете, размислете да поминете време во климатизирана зграда, како што е трговски центар или јавна библиотека.
- Автомобилите можат многу брзо опасно да се загреат – никогаш не оставајте бебиња, мали деца или домашни миленици сами во автомобилот, дури и кога климатизацијата е вклучена.
Останете хидрирани:
- Продолжете да пиете вода, дури и пред да почувствувате жед, особено ако сте на отворен простор и вршите физичка активност. Доколку вашиот лекар ве замолил да ја ограничите количината на течности што ја пиете, прашајте го колку вода треба да пиете за време на горештини.
- Секогаш кога излегувате од дома, носете шише вода со себе.
- Внимавајте на знаци на дехидратација како што се чувство на жед, вртоглавица, сува уста, замор, темно обоена урина со силен мирис или помалку мокрење од вообичаено (Можете да ја проверите вашата урина користејќи ја табелата за урина на Heatwatch на Универзитетот во Сиднеј).
Планирајте однапред:
Пред летото
- Проверете дали вентилаторот и клима уредот работат добро. Доколку е потребно, направете сервис на клима уредот. Осигурајте се дека филтрите, перничињата и отворите за воздух се чисти.
- Посетете го вашиот лекар за да проверите дали се потребни промени во лековите за време на горештини.
- Во случај на прекин на електричната енергија, направете комплет што ќе вклучува светилка на батерии, радио на батерии, целосно наполнет мобилен телефон или резервна батерија, прехранбени производи што не бараат ладење, лекови, доволно вода за пиење и други основни производи.
- Погледнете ги работите што можете да ги направите за да го направите вашиот дом посвеж, како што се поставување рефлектирачки премаз на покривот, изолација, застаклување, надворешни платнени покривки за прозорци, платнени натстрешници за сенка или надворешни ролетни и садење дрвја за да обезбедите сенка околу куќата.
- Дознајте повеќе за безбедно чување на храна и лекови за време на горештини, а особено за време и по прекин на електричната енергија.
- Научете ги знаците на болести поврзани со топлина за да можете брзо да реагирате ако вие или некој што го познавате се разболи.
Пред да пристигне прогнозираната топлина
- Снабдете се со храна, вода и лекови за да не мора да излегувате на жештината.
- Наполнете калапи за мраз во замрзнувачот или ставете неколку ладни облоги во фрижидерот или замрзнувачот.
- Направете план за редовен контакт со пријателите и соседите кога е многу жешко, во случај вам или на нив да ви е потребна помош.
- Осигурајте се дека имате контакт информации за вашиот лекар, фармацевт, Nurse-on-Call (телефонска линија за совети од медицинска сестра) или друг извор на добри здравствени совети.
За време на горештини
- Откажете или презакажете непотребни излети или активности.
- Планирајте ги основните активности за најладниот дел од денот.
- Ако мора да излезете надвор, земете шише вода со вас, побарајте сенка и носете капа и крема за сончање за заштита на кожата.
- Бидете во тек со временските прогнози и предупредувања – преку телевизија или радио.
- Проверете ја прогнозата за топлотен бран на Бирото за метеорологија преку интернет или преку нивната апликација и пријавете се за да добивате здравствени предупредувања за топлина од Министерството за здравство.
Бидете во контакт со семејството, пријателите и соседите
- Еден краток повик може да направи голема разлика.
- Кажете им на семејството, пријателите и соседите дека сте добро или ако ви е потребна помош.
- Контактирајте ги оние кои се изложени на зголемен ризик или на кои можеби им е потребна вашата поддршка во текот на деновите на горештини.
Постарите луѓе и горештините
Луѓето над 65 години се поподложни на здравствени проблеми поврзани со топлината бидејќи нивните тела се помалку способни да се прилагодат на промените на температурата. Тие исто така имаат поголема веројатност да имаат веќе постоечки медицински состојби и да земаат лекови што го зголемуваат нивниот ризик.
Постарите лица со медицински состојби или кои земаат лекови треба да се консултираат со својот лекар за здравствени проблеми поврзани со топлината и за какви било прилагодувања, промени или посебни мерки на претпазливост што треба да ги преземат за време на периоди на горештини или прекини на електричната енергија.
Децата и горештините
Бебињата и малите деца се поподложни на здравствени проблеми поврзани со топлината и им е потребна посебна грижа за време на горештини.
- Никогаш не оставајте бебиња или мали деца во автомобили.
- Понудете им на бебињата дополнително доење или хранење со шише за време на горештини и охрабрувајте ги децата редовно да пијат течности. Погледнете го Австралиското здружение за доење (Australian Breastfeeding Association).
- Мајките што дојат исто така треба да се погрижат да пијат многу течности.
- Не го оставајте вашето бебе да спие во количка во време на горештини, бидејќи протокот на воздух е ограничен.
- Бебињата во количките за седење може да се разладуваат со покривање на количката со влажна крпа од муслин или памук, по можност со вентилатор на батерии со штипка, доколку е достапен. Чувајте ја крпата влажна со шише со распрскувач.
Како можете да им помогнете на другите
Помогнете им на семејството, пријателите и соседите, особено на оние кои се повеќе изложени на ризик од здравствени проблеми поврзани со топлината:
- Редовно проверувајте ги за да видите како се справуваат со жештината, особено ако живеат сами.
- Поттикнувајте ги да прават работи што ќе ги разладуваат и да бидат хидрирани.
- Јавете им се барем еднаш во кој било ден за време на горештини и замолете ги да ви се јават доколку имаат какви било проблеми или само да се јават.
- Понудете помош со пазарување или други обврски за да можат тие да ја избегнат топлината, доколку е безбедно за вас да го направите тоа.
- Однесете ги некаде на ладно (на пример, во трговски центар, кино, библиотека) ако е безбедно да го направите тоа или замолете ги да преноќат кај вас ако не можат да останат ладни во својот дом.
- Веднаш побарајте медицинска помош ако покажуваат какви било знаци на здравствени проблеми поврзани со топлина (видете подолу на „Каде да побарате помош“).
Каде да побарате помош
- Во итен случај, јавете се на три нули (000)
- Службата за писмено и усно преведување (TIS National) е достапна (24 часа, 7 дена во неделата) за повикувачи кои зборуваат други јазици. Јавете се на 131 450.
- Вашиот матичен лекар (GP) – ако вие или некој што го познавате можеби страдате од здравствени проблеми поврзани со топлина
- Nurse-on-Call Тел. 1300 60 60 24 – за стручни здравствени информации и совети (24 часа, 7 дена во неделата)
- Контактирајте го Виртуелниот оддел за итни случаи на Викторија (Victorian Virtual Emergency Department) – за итни случаи кои не се опасни по живот
- Линија за здравјето на мајките и децата (Maternal and Child Health Line), Викторија Тел. 132 229 (24 часа)
- Именик за здравствени преводи (Health Translations Directory) – информации за горештини на јазиците на заедницата.
- Extreme heat and heatwaves, Department of Health, Victorian Government.
- Extreme heat prevention guide, US Centers for Disease Control and Prevention.
- Hot weather, Sports Medicine Australia.
This page has been produced in consultation with and approved by: