Краток преглед
Read the full fact sheet- Нормално е да имате силни реакции по потресен или страшен настан. Потресен настан може да биде, шумски пожар или поплава, кривично дело или насилен чин против вас, сообраќајна несреќа, доживување на физички или сексуален напад, гледање фотографии и читање новинарски извештаи или објави на социјалните мрежи за потресни настани.
- Може да доживеете различни физички, психички и емоционални реакции, како и промени во однесувањето. Сепак, има многу начини на кои можете да се справите со реакциите и да закрепнете.
- Доколку симптомите продолжат и по три до четири недели, важно е да побарате помош.
On this page
Каде да побарате помош
- Вашиот семеен доктор (GP)
- Вашиот специјалист за ментално здравје, на пример, психијатар, психолог, советник или социјален работник
- Локалниот здравствен центар во вашата заедница
- Australian Psychological Society Referral Service (Служба за упатување на австралиското здружение на психолози) Тел. 1800 333 497
- Phoenix Australia Centre for Post-traumatic Mental Health (Феникс Австралија - Центар за ментално здравје по претрпена траума) Тел. (03) 9035 5599
- Centre for Grief and Bereavement (Центар за поддршка по загуба на близок) Тел. 1800 642 066
Бесплатна стручна помош за траума:
- Ако сте жртва на кривично дело, посетете ја веб-страницата victimsofcrime.vic.gov.au/services-for-victims-of-crime-[macedonian]. Можете исто така да се јавите на Victims of Crime Helpline (Телефонска линија за жртви на кривично дело) на 1800 819 817. Достапни се преведувачи.
- Ако сте доживеале сообраќајна несреќа, јавете се во Amber Community – за поддршка и едукација за сообраќајни несреќи на (03) 8877 6900 или 1300 367 797.
Можете да добиете совет од:
- Lifeline Тел. 13 11 14
- GriefLine Тел. 1300 845 745
- beyondblue Тел. 1300 22 4636
- NURSE-ON-CALL Тел. 1300 60 60 24 – за здравствени информации и совети од медицинска сестра (24 часа, 7 дена во неделата)
- Australian Parenting Website (Веб-страница за родители) – raisingchildren.net.au
Може исто така да го слушате овој подкаст за траума и закрепнување.
Посетете ја веб-страницата Health Translations (Преводи на здравствени информации) за информации за траума и закрепнување на вашиот јазик.
Како може да реагирате на траума
Начинот на кој ќе реагирате на траума може да зависи од следните работи:
- видот и сериозноста на трауматскиот настан
- дали имате претходно искуство или обука
- дали сте биле директно вклучени или само сведок
- колку помош ви е достапна по настанот
- други стресни работи што се случуваат во вашиот живот
- како обично се справувате со стресни ситуации
- дали претходно сте доживеале трауматски искуства.
По завршувањето на потресниот настан, можеби ќе почувствувате потреба да се обидете да разберете што се случило. Тоа може да вклучува размислување за следните работи:
- како и зошто се случил настанот
- како и зошто сте биле вклучени
- зошто ги доживувате овие чувства
- дали чувствата што ги имате откриваат нешто за тоа каква личност сте
- дали искуството го променило вашиот поглед на животот и на кој начин.
Може исто така да доживеете емоционални, ментални и физички реакции, како и промени во однесувањето.
Емоционални реакции на траума
Може да почувствувате:
- голем стрес, вознемиреност или страв
- паника, како да ќе се случи уште нешто лошо
- чувство како да сте во опасност
- чувство на емоционална отрпнатост или шок
- збунетост
- почесто сте емотивни и потресени
- преголема исцрпеност и умор
- чувство на депресија
- потреба да ги заштитувате другите, вклучувајќи го семејството и пријателите
- чувство дека не сакате да го напуштите домот
- потреба да се повлечете или да избегнувате луѓе и места.
Овие реакции се нормални и можно е да почувствувате повеќе од нив истовремено.
Тоа е дел од природниот процес на заздравување и закрепнување на вашето тело, и во повеќето случаи ќе се чувствувате подобро.
Ментални реакции на траума
Може:
- да имате потешкотии со концентрацијата или со помнењето работи
- да размислувате за настанот дури и кога не сакате
- постојано да го преживувате настанот во мислите
- да бидете збунети или дезориентирани.
Физички реакции на траума
Може да чуствувате:
- исцрпеност или премореност
- потешкотии со спиењето
- мачнина, повраќање, вртоглавица и главоболки
- прекумерно потење
- забрзано чукање на срцето.
Промени во однесувањето по траума
Можно е да сакате:
- да избегнувате да бидете потсетувани на настанот
- постојано да размислувате и зборувате за тоа што се случило
- да ги промените или да се откажете од секојдневните работи што вообичаено ги правите
- да јадете многу повеќе или многу помалку
- да пиете повеќе алкохол и/или кафе
- да пушите цигари
- да чувстувате дека не сакате да спиете.
Како да заздравите и закрепнете по траума
Сѐ што ја доведува во опасност вашата безбедност или живот, или безбедноста и животот на другите, предизвикува да чувствувате стрес. Ваквата реакција се нарекува „состојба на опасност“ (emergency mode) и се јавува кога вашето тело се обидува да одговара на закана. Нашето тело се обидува да ни обезбеди многу енергија за кратко време за да ни помогне да преживееме.
Повеќето луѓе ја доживуваат „состојбата на опасност“ само за краток период. Сепак, можете повторно да се најдете во „состојба на опасност“ ако се случат неочекувани работи или ако повторно почувствувате стрес. Поради тоа, можно е да се чувствувате уморни по трауматски настан.
За да му помогнете на вашето тело да заздрави и закрепне, потребно е да си помогнете себеси да излезете од „состојбата на опасност“. Тоа му помага на телото да се обнови и да се врати на нормалното ниво на енергија. Ова најчесто се случува во рок од отприлика еден месец по настанот.
Постојат многу стратегии што можат да ви помогнат да заздравите и закрепнете. Може:
- да прифатите дека сте поминале низ потресен или страшен настан. Вашите реакции се нормални
- да прифатите дека извесен период нема да се чувствувате како обично, но дека тоа ќе помине
- да се обидете да не се лутите или обвинувате себеси ако не можете да ги правите работите како порано
- да избегнувате да консумирате алкохол или да користите дрога за да ви помогнат да се справите со стресот
- да избегнувате да донесувате важни одлуки или да правите големи промени во животот додека не се чувствувате подобро
- да си дадете време да се вратите на вашиот вообичаен живот
- да разговарате со некој кој може да ви даде поддршка и да ве разбере
- да се обидете да се придржувате до вашата вообичаена рутина и да бидете активни
- да се обидете да не избегнувате одредени места или активности по секоја цена
- да одвојувате време за одмор
- да најдете време за редовна физичка активност
- да им кажете на семејството и пријателите каква помош ви е потребна, на пример дека ви треба време за одмор или дека сакате да разговарате со некој
- да користите техники за релаксација, како што се јога, вежби за дишење или медитација. Можете исто така да правите работи што ви се допаѓаат, како што се слушање музика или работење во градината
- да ги изразувате вашите чувства онака како што ги доживувате. Би можеле да разговарате со некого за тоа како се чувствувате или да ги запишувате вашите чувства
- да се соочите со вашите спомени и искуства онака како што ги доживувате. Размислете за нив, а потоа обидете се да ги оставите зад себе. Ако тоа ви наврати други спомени, обидете се да не ги мешате со сегашниот проблем.
Ако сè уште се соочувате со потешкотии, можете да побарате стручна помош
Стресот предизвикан од трауматски настан може да стане долготраен. Треба да побарате стручна помош ако:
- се чувствувате многу емотивно вознемирени повеќе од еден месец или подолго по настанот
- и понатаму чувствувате емоционална отрпнатост и празнина
- продолжите да имате физички симптоми на стрес
- продолжите да имате нарушен сон или кошмари
- се обидувате да избегнувате сè што ве потсетува на вашите искуства
- немате никого со кого можете да ги споделите вашите чувства
- забележувате дека вашите односи со семејството и пријателите се влошуваат
- сте расеани
- консумирате повеќе алкохол или дрога
- не можете да се вратите на работа или да се справувате со секојдневните обврски
- постојано ви се враќаат мисли за трауматското искуство
- постојано сте нервозни и лесно се исплашувате.
За посттрауматското стресно растројство (ПТСР)
По потресен настан, некои лица забележуваат дека не им се подобрува состојбата и по отприлика еден месец.
Оваа реакција може да влијае на вашиот живот на многу начини. Може да ги промени вашите односи со семејството и пријателите или да ви го отежне работењето.
Ова може да биде посттрауматско стресно растројство, или ПТСР.
Ако мислите дека можеби имате ПТСР, треба да побарате помош од здравствен работник.
Ако некогаш сте загрижени за вашето ментално здравје или за менталното здравје на некој близок, јавете се на Lifeline на 13 11 14.